Клуб основан пред 81 година дебитираше во првата лига и успеа да ја освои титулата

До оваа сезона играа во втора лига, а сега првпат ќе настапат во Лигата на шампионите. Фудбалската сезона 2025/2026 продолжува да пишува интересни приказни. Голем број клубови по долгогодишно чекање ги освоија титулите во своите првенства, додека некои за првпат во историјата стигнаа до шампионскиот трофеј.

Една таква приказна, од оваа втора категорија, доаѓа од Луксембург. Таму во последното коло се водеше битка меѓу два клуба за титулата.

Првопласираниот Диферданж, актуелен шампион, гостуваше кај Атерт Бисен – клуб основан во 1945 година, кој дури оваа сезона за првпат во историјата обезбеди место во елитниот ранг на луксембуршкиот фудбал.

На Бисен во последното коло, поради подобрата гол-разлика, му беше потребна каква било победа, а до неа стигна со голот на Луис Мараси во 55. минута.

Така, со победата од 1:0, тие ја освоија титулата во Луксембург за првпат во својата историја. Тоа значи дека летово ќе играат квалификации за Лигата на шампионите и ќе имаат шанса да обезбедат европска есен во едно од трите натпреварувања на УЕФА.

Бисен е мало градче во Луксембург со само 3.500 жители, а Атерт ги игра своите натпревари на стадион со капацитет за 1.500 гледачи. Клубот го носи името на реката која минува низ градот и е гордост на локалните жители.

- Оглас -

Најнови вести