Фудбалската репрезентација на Македонија денеска (18 часот) во Ереван против Ерменија го игра решавачкиот натпревар за првото место во групата од Лигата на нации кое носи директен пласман во Лигата Б, но и дополнителна можност со бараж натпревари да се стигне до мундијалски настап. Пласман за ова доигрување обезбедуваат четирите репрезентации кои ќе соберат најмногу бодови во своите конкуренции.
Второто место исто така не значи комплетна „пропаст“, затоа што во тој случај селекцијата на Македонија ќе игра со третопласирана селекција од Лигата Б, за промоција ранг погоре во ЛН.
Сепак, селекторот Благоја Милевски не сака вакви математики, затоа што заедно со фудбалерите е максимално фокусиран на позитивен резултат во Ереван, кој ќе значи и задржување на првото место по овој октомвриски мини циклус и пол-поизиција пред ноемвриските два, последни, натпревари, кои Македонија ќе ги игра на домашен терен против Фарски Острови и против Летонија.
„Кажав дека натпреварите меѓу Македонија и Ерменија ќе одлучувааат за првото место во групата и стојам зад таа изјава. Го следев натпреварот на Ерменците на Фарски Острови. Тимот е тој кој го знаеме, максимално го респектираме и засилено се подготвувавме. Пред почетокот на овој октомври циклус целта ни беше да останеме на првото место. Не сакаме да мислиме на комбинации, за тоа ќе размислуваме во ноември. Овој меч ќе биде поинаков од тој пред три години, а и од последниот минатиот месец. Како да е судбина да играме против Ерменија, квалитетни се и нема да ги потцениме“, изјави селекторот Благоја Милевски.
Голманот Столе Димитриевски сака неговата мрежа да остане мирна, да не прими гол, а во таков случај Македонија најмалку би ремизирала. Сепак, Столе типува на нова победа.
„Овој натпревар можеби е одлучувачки за првото место во групата, па ако со победа го осигуруваме првото место, тогаш нека биде и минимална победа од 0-1, но да бидеме први. Имаме одлична соработка со одбранбените фудбалери на последните три натпревари и верувам дека и на овој меч нема да примам гол“, истакна Столе Димитриевски.
Натпреварот меѓу Ерменија и Македонија се игра денеска, со почеток во 18 часот, на стадионот „Вазген Саргсијан“ во Ереван, а главен судија ќе биде Англичанецот Стјуарт Атвел.