Кое е најдолгото, а кое најкраткото патување за еден меч во Европа?

Април е месец кога низ годините наназад се случувале безброј интересни мечеви кои одлучувале дури и за титулите во домашните првенства, но и кога се издвојувале најдобрите клубови во трка за трофеите во Европа. Оваа година е сосема поинаква. Поради пандемијата од Коронавирусот, повеќе од еден месец фудбалот во Европа мирува (единствено се игра шампионатот во Белорусија).

Во отсуство на возбудувања, УЕФА реши да открие кое е најдолгото патување за да се одигра еден меч во европските купови. Рекордот го држат Бенфика и Астана од сезоната 2015/16. Бенфика е клуб од главниот град на Португалија, Лисабон, а Астана е екипа која доаѓа од главниот град на Казакстан, Нур-Султан.

Дистанцата меѓу овие два града по воздушен пат е дури 6.173 километри. Ако се оди по копнен пат, дистанцата меѓу овие два града е преку 7.300 километри. Истиот пат мораа да го поминат и фудбалерите на Спортинг во сезоната 2017/18, кога играа против Астана во 16-финалето од Лигата на Европа.

Ако се работи за потенцијален меч на два тима кои се дел од „семејството“ на УЕФА, а некогаш би можеле да играат во европските купови, тоа би било дуелот меѓу екипите на Тенерифе од Шпанија и Сибир од Новосибирск. Ако некогаш треба да играат овие екипи, само во еден правец ќе треба да прелетаат 8.046 километри во еден правец.

Кога се работи за дуел од УЕФА натпреварувањата, а на кои клубовите требало најмалку да патуваат, тоа е градското дерби меѓу Интер и Милан. Двата клуба играат на ист стадион, што значи дека воопшто не требале да патуваат на гостувањето. Миланските ривали играа меѓусебе два пати во Лигата на шампиони. Во полуфиналето од сезоната 2002/03 и во четвртфиналето во сезоната 2004/05, а во двата случаи на крајот поуспешни беа Росонерите.

- Оглас -

Најнови вести