Кога ќе се спомене фудбал Германија е страв да те фати, ама ние стравот го прегрмевме во Дуисбург

Македонија ќе има тешка задача вечерва од 20.45 часот повторно да ја изненади фудбалската велесила Германија, селекција со моќна историја, но и сегашност и најтрофејна репрезентација што воопшто гостувала кај нас.

Кога ќе се спомене фудбал во светски рамки, историја, постигнувања, наследство, легенди, успеси и на клупски и на репрезентативен план не може да не ви дојде на ум Германија.

Моќен строј, фудбалска машина за голови, пехари и успеси се попупарните Панцери. Или како што ги нарекуваат „Die Mannschaft“, односно „Тимот“, селекција со вкупно 25 медали на големите натпреварувања, со моќна традиција и прекрасни легенди од калибарот на Франц Бекенбауер, Герд Милер, Боноф, Штилике, Румениге, Матеус, Клинсман и… Едноставно не се добројуваат и успесите и имињата, а најдобро ги опиша Гери Линекер.

„Фудбалот е игра во која настапуваат 22 играчи, по 11 во двете репрезентации и секогаш победува Германија“, некако парафразирано изгледа легендарната изјава на Линекер.

И на самата помисла дека играте против Германија е страв да те фати, но ние стравот веќе го прегрмевме во Дуисбург со спектакуларна победа од 2:1 во првиот меч што воопшто сме го играле со најуспешната фудбалска нација во Европа.

„За мене тие се број 1 фудбалска нација според моќта, историјата и постигнувањата, пехарите и успесите на големите натпреварувања. Но, тоа не значи дека нема даа е обидеме пак да направиме чудо“, ќе рече капитенот на Македонија, Стефан Ристовски.

Неговиот птретходник Горан Пандев во март годинава предводеше чета од храбри момци, кои ни приредија невидена радост во Дуисбург кога го ставивме воклинч гигантот, а во финишот на мечот и го нокаутиравме со 2:1.

Резултатот и особено играта на тој дуел побуди емоции не само кај нас, туку и во целиот фудбалски свет. Сензацијата на Македонија беше ударна спортска вест во финишот на март, во април, а и сега е.

Незаборавен меч на кој малата Македонија напаѓаше и доминираше во последните 20-на минути, период кој по традиција и славното минато и припаѓа на Германија. На еден фудбалски строј кој со генерации газеше со дисциплина, со тактика, со физичка и псхичка моќ што се граничи со чудо.

Од таа екипа македонски играчи, без Пандев и пивредените Барди и Несторовски речиси сите останати и вечерва ќе и истрчаат на Германија на мегдан. Тие се наострени за реванш, ние повторно сме внимателни, делумно и загрижени, да не се разбуди светскиот великан, да не се распукаат Милер, Вернер, Сане и останатите играчи кои на своите плеќи умешно го носат и тешкиот, но и слаткиот товар од славното минато на Германија.

Во март Игор Ангеловски го надмудри Јоаким Лев, сега ред е Боби Милевски да најде рецепт како ќе му се спротивстави на Ханси Флик. Ова е мега-дуел за нас, во период што ќе се памети по успеси и настап на историско Европско првенство, со шанса да се продолжи и битката за настап на Мундијалот во Катар.

Македонија ќе има и поддршка од над 16 илјади навивачи од трибините, се очекува прекрасен амбиент кој нема да ги уплаши Германците, но ќе им даде крилја на нашите момци за уште еден подвиг против гигантот.

Празникот 11. октомври е ден за убави дела, за радост, ни одговара и еден бод, но и за да се стаса до реми против Германците мора да се оди на победа.

- Оглас -

Најнови вести