Кој беше претседателот на Реал што по 32 години чекање ја донесе европската титула на „Сантијаго Бернабеу“, а синоќа умре од Коронавирусот?

Лоренцо Санс, човекот кој направи револуција во Реал Мадрид, синоќа почина од Коронавирусот. Санс имаше 76 години и по неколку дена поминати во болница, ја загуби битката со опасниот вирус. Тој беше во најризичната возрасна категорија заразена од опасниот вирус.

Поранешниот претседател на Реал Мадрид засекогаш ќе биде запамтен и тоа како човекот кој направи револуција во Кралскиот клуб. Дојде на чело на гигантот од „Сантијаго Бернабеу“ во 1995 година и за кратко време успеа да го направи најдобриот тим во Европа.

Санс веднаш започна со доведување на вистински засилувања во клубот. Успеа да го доведе Предраг Мијатовиќ кој дотогаш играше во Валенсија, а во мадридскиот тим пристигна и Роберто Карлос. За Бразилецот беа платени шест милиони евра на Интер. Карлос стана легенда на клубот затоа што остана до 2007 година и беше незаменлив по левата страна во одбраната.

Освен Карлос и Мијатовиќ, Санс во Реал ги доведе и Давор Шукер, Кларенс Седорд, голманот Бодо Илгнер, Кристијано Панучи и Зе Роберто.

Главна цел на Санс беше да ја доведе европската титула која Реал ја чекаше повеќе од три децении. Тоа конечно се случи во 1998 година, кога во финалето на ЛШ, Реал со 1:0 го победи Јувентус. Токму миленикот на Санс, Мијатовиќ беше стрелец на голот вреден европска титула по точно 32 години.

Дека таа титула во ЛШ не беше случајна се потврди и две години подоцна. Во 2000 година Реал повторно се искачи на тронот, откако во финалето ја победи Валенсија. Кратко по освојување на овој трофеј, Санс ги загуби изборите од сегашниот претседател на Реал, Флорентино Перес, но ќе остане запамтен како човекот кој го врати Кралскиот клуб на врвот во фудбалската елита.

„Многу е тешко ваквото заминување. Си замина без да каже збогум, без да може да се поздрави со луѓето кои беа околу него. Навистина многу тажно. Сѐ уште не можам да верувам, го сметав како татко. Многу го сакав и почитував. Ова е еден од најтажните денови во мојот живот“, рече Мијатовиќ кога слушна за тажната вест.

- Оглас -

Најнови вести