Во Милан и Аталанта не го сакале, а сега блесна за Барселона – кој е Албанецот што постигна хет-трик за каталонскиот гигант?

Барселона со убедлива победа од 4:0 ги стартуваше подготовките за новата сезона, и тоа против екипата на Химнастик. Сите четири погодоци беа постигнати во второто полувреме, кога на теренот истрча цела „втора“ постава, откако тренерот Роналд Куман направи дури 11 измени на полувремето.

Меѓу оние кои влегоа во вториот дел беше и Реј Манај, кој стана првиот Албанец што заиграл во дресот на каталонскиот гигант. Освен што испиша историја со дебито за Барселона, Манај блесна и само за 30 минути постигна хет-трик. Шоуто на Манај започна во 60-тата минута, кога погоди за 1:0, и тоа со еврогол.

https://twitter.com/i/status/1417914522896150533

Во последните пет минути, Барселона даде уште три гола, а два повторно беа дело на Манај. Со хет-трикот, Манај целосно го сврте фокусот врз себе на овој меч. Албанецот кој блесна на дуелот против Химнастик има 24 години, а иако е роден во Албанија, никогаш не играл во родната земја.

Како дете со своите родители заминал во Италија, каде што и ја започнува фудбалската кариера како 11-годишно дете во тимот на Пјаченца. Пред да отиде во школата на Пјаченца, Манај се обидел во двете прославени школи на Милан и Аталанта, но и од двете места го избркале.

Во Пјаченца момчето одлично се снашло и освен неколку трофеи на клупски план, добил и неколку индивидувални награди. По банкротот на Пјаченца, Манај во 2012 година заминал во Кремонезе, кај тренерот Џиџи Симони.

На еден меч меѓу Кремонезе и Сампдорија, Манај го забележал голманот како е излезен далеку од својот гол и се обидел од половина терен да погоди. Неговиот удар за малку бил непрецизен, а тренерот го прекорил со зборовите дека ако уште еднаш се обиде да направи нешто слично, ќе биде заменет.

Ваквата закана не го уплашила младиот Реј, па неколку недели подоцна се нашол во иста ситуација на мечот против Сиена. Противничкиот голман бил далеку од гол-линијата, а Манај шутирал, и тоа директно во голот, а потоа го запрашал тренерот „Добро ли е вака тренеру?“.

Во 2014 година, Манај дебитирал за првиот тим на Кремонезе и во 22 меча постигнал два гола. Повеќе клубови се интересирале за него, а во 2015 година за трансфер од еден милион евра потпишува петгодишен договор со Интер. Дебито во Серија А го имаше на 23 август 2015 година против Аталанта, кога влезе на местото на Брозовиќ и ги одигра последните неколку минути во победата од 1:0.

Во 2016 година е позајмен во Пескара, а потоа и во Пиза. Во 2017 година од Италија заминува во Шпанија, во тимот на Гранада. Потоа играше две сезони за Албасете, а во 2020 година потпиша за Барселона. Една и пол сезона го носеше дресот на Барселона Б, каде што во вкупно 30 меча постигна 14 голови и тоа беше доволен знак дека може да биде прекомандуван во првиот тим.

Пред неколку дена имало разговори за Манај да биде продаден, но тоа не се случи. Синоќа дебитираше за сениорскиот тим на Барселона, и тоа на најдобар можен начин, со хет-трик, што е одлична препорака за 24-годишниот Албанец да биде дел од тимот во Примера дивисион.

 

- Оглас -

Најнови вести