Кој е човекот што ја режираше сензацијата во Катар: Во минатото работеше како чистач, а денеска ја победи Аргентина

Саудиска Арабија денеска приреди вистинска сензација со триумфот над Аргентина со 2:1, а најзаслужниот човек за победата, селекторот Ерв Ренар, има интересна приказна за патот кон успехот. Французинот пред да стане успешен фудбалски тренер, среќата буквално ја бараше во чистењето.

Откако ја заврши фудбалската кариера во доцните 1990-ти години, Ренар основа компанија за чистење, а во исто време ја започнуваше и тренерската кариера.

„Чистев теписи, работев и други работи, ги празнев корпите за ѓубре. Тоа беше физичка работа и веројатно беше најдобрата животна лекција што можев да ја добијам од оваа перспектива. Станував во три и пол часот наутро и работев до пладне. Потоа во пет попладне одев на тренинзи. Понекогаш тоа е добро е да се доживее неуспех, да се помине низ тешки периоди во животот бидејќи таквите искуства го прават човекот посилен“, вели Ренар, кој најголемите успеси во тренерската кариера ги оствари во Африка.

Тој има два триумфи на Африканскиот куп на нациите, во 2012 година со Замбија во финалето ја совлада тогаш силната репрезентација на Брегот на Слоновата Коска, а три години подоцна го повтори подвигот, овој пат водејќи ја токму репрезентацијата што претходно ја победи.

Ренар стана првиот тренер кој триумфирал на Африканскиот куп на нациите со две различни репрезентации.

Тренерската кариера ја започна во францускиот нисколигаш Драгињан, работеше и во Кембриџ јунајтед, како и во Виетнам, пред Клод Ле Рој да го покани да му биде асистент во репрезентацијата на Гана.

„Тоа беше во 2007 година. Се вративме во Гана од подготвителниот камп во Абу Даби, а на приемот се собраа шест илјади навивачи. Потоа се уверив дека сакам да останам во Африка и да бидам селектор на африканска репрезентација”.

Ренар пред четири години го предводеше Мароко на СП во Русија и во група со Иран, Португалија и Шпанија освои еден бод, и тоа во дуелот со Црвената фурија (2:2).
Интересно е што тогаш мечот меѓу Мароко и Португалија медиумите го најавија како дуел меѓу чистачот и инженерот бидејќи Фернандо Сантош пред да стане тренер, работел како технички надзорник во хотел во Есторил.

Сантош пред четири години беше поуспешен од Ренар и неговата Португалија славеше со 1:0, а по завршувањето на Мундијалот, французинот се раздели со Мароко. Следен предизвик во кариерата му беше токму клупата на репрезентацијата на Саудиска Арабија, со која денеска го приреди најголемото изненадување на СП во Катар.

- Оглас -

Најнови вести