Мартин си брои: колку кола, толку гола – Хуманитарен тикет со најдобриот стрелец во Македонија

Мартин Мирчевски е едно од најпријатните изненадувања во македонската Прва лига и во првата сезона што ја игра за Академија Пандев немилосрдно ги тресе противничките мрежи.

Досега во 11 рунди постигна 11 погодоци, или народски кажано: колку кола, толку гола, со просек за респект од еден гол по натпревар.

Има 24 години и тој е моментно еден од најдобрите фудбалери што играат во домашната лига, топ-голгетер и засега единствен со двоцифрен учинок.

„Секако дека ми годи податокот што сум најдбар стрелец во домашното првенство, но најважно е Академија Пандев да победува. И, секако, му благодарам на тренерот Александар Васоски и на соиграчите. Без нивна поддршка тешко ќе стигнев до овие бројки“, вели за почеток нашиот гостин, кој ќе се обиде со хуманитарен тикет да помогне на социјално загрозената категорија на луѓе во Македонија.

ЕХ ДА ИМА ПОВЕЌЕ КАКО ГОРАН ПАНДЕВ

Почетоците на дружбата со бубамарата на родениот битолчанец се интересни, а повикот од другарите да појде со нив на тренинг на 7-годишна возраст го насочи подоцна и професионално да игра фудбал.

„Се сеќавам дека по вообичаената школска партија фудбал, двајца мои другари тргнаа некаде и јас само прашав каде ќе одат. Ние на тренинг, а ти остани тука, ми рекоа. Одлучив и јас да им се приклучам и оттогаш веќе играњето фудбал стана посериозно“, раскажува Мартин.

По Пелистер, се пресели во Победа и како секој фудбалер, спортист, спортски работник, заедно со симпатизерите посакува да се врати духот на популарното Пелагониско дерби.

„Ми се чини дека нема битолчанец и прилепчанец што не сака да има силно регионално дерби меѓу Пелистер и Победа. И двата клуба заслужуваат многу повеќе, подобри услови, стабилни финансии, а публика имало и ќе има. Па, погледнете и кога двата клуба не се на потребното ниво, секогаш за мечевите на Пелистер и на Победа има интерес, публика, се зборува со денови за фудбал. Се надевам дека во Македонија ќе има многу повеќе инвестиции во клубовите, во фудбалот, во инфраструктура и од тоа бенефит ќе имаат сите што го сакаат фудбалот“, вели 24-годишниот голгетер.

Скромно додава „Ех, да има повеќе како Горан Пандев“, со алузија на вложувањата на нашата фудбалска икона во Струмица, во фудбалот, во Академија Пандев.

„Јас сум тазе во Академија Пандев и Горан го запознав ова лето. Ми остави силен впечаток како човек, секогаш има време за совет, за пријателски однос. За тоа каков фудбалер е, не треба да се трошат зборови. Титулите, резултатите, клубовите за коишто играл и долготрајната италијанска авантура од две децении доволно говорат за него. На тоа ниво е и како човек. Имаме топ услови со одлична инфраструктура и само би посакал една таква легенда да биде тука со нас, тој да го води клубот за да бидеме уште посилни“, истакна Мирчевски.

НАЈДРАГИОТ ГОЛ НЕ МУ Е ОД ПРВАТА ЛИГА

Интересно е што не му е првпат да има двоцифрен број на голови, а тоа го стори и како играч на Беласица во Втората лига, кога на 10 меча даде 10 гола.

„Играњето во Втората лига ми помогна да имам поголема минутажа, да се стабилизирам и повеќе да играм, а на еден од натпреварите го постигнав и голот што досега ми е најдраг. Игравме дерби со Тиквеш и победивме со 2:1. Јас ги дадов двата гола, а вториот во 93-тата минута за триумф ми е највпечатлив засега. Се надевам дека ќе има уште многу голови и добри игри во кариерата, но повторно ќе кажам, голема е заслугата и на соиграчите бидејќи фудбалот е тимска игра.

Веќе има и интернационално искуство откако беше член на Трепча 89 од Косово. Таму сè уште се памети Вардар и легендарниот меч од јуни 1979 година, кога македонскиот тим токму со триумф против Трепча од 2:1 се пласира во Првата југословенска лига.

„Да знаеја да го спомнат, но во позитивен контекст, сметајќи го како еден од највпечатливите натпревари од тоа време. Јас потоа бев и член и на Вардар, па некако од оваа перспектива ми изгледаат уште позначајни тие моменти и меч за којшто многу сум слушал“, додава Мартин.

МИЛАН МУ Е И РАДОСТ И БОЛКА, ИМАШЕ И СОЛЗИ ПО ЛЕГЕНДАРНОТО ИСТАНБУЛСКО ФИНАЛЕ

Навива за Милан, а детските солзи на 8-годишна возраст по легендарното истанбулско финале во Лигата на шампионите сè уште ги памти.

„Милан водеше со 3:0 и се сеќавам, му реков на брат ми на полувреме: јас ќе си легнам, разбуди ме кога ќе го доделуваат пехарот. Ме разбуди на 3:2, потоа веќе сите знаат, тоа финале е незаборавно, Ливерпул израмни на 3:3 и победи на пенали. Плачев од тага, голем навивач сум на Милан.

Многу го сакав Кака, неговиот стил на игра, техника, грациозност. Можеби еден ден ќе ми се врати тагата со радост, па ќе заиграм за Милан. Којзнае, во животот и во спортот тенка е границата меѓу радост и тага. Ако немаш амбиции, не може да се оствари сонот, а мојот е да играм за Росонерите од Милано. Секако, еден ден и за репрезентацијата на Македонија“, заврши Мирчевски.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести