Колку пари заработи Надал со освојувањето на Ролан Гарос?

Рафаел Надал уште еднаш, но неверојатен 14-ти пат го крена трофејот наменет за најдобриот тенисер на Гренд слем турнирот во Париз, популарниот Ролан Гарос. Шпанецот кој има 36 години, одигра уште еден феноменален турнир и покажа зошто е Крал на земјените терени во Париз и во финалето без многу мака со 3:0 во сетови го победи Каспер Руд.

За разлика од претходните две години, кога наградниот фонд на турнирот беше намален поради пандемијата, овојпат на победникот му следува одлична финансиска „инјекција“.

Надал од Париз си замина побогат за 2.290.000 долари, додека поразениот во финалето заработи двојно помалку. Организаторите на Ролан Гарос одлучија наградните фондови во машка и женска конкуренција да бидат израмнети, па и Ига Свјонтек си заработи речиси 2,3 милиони долари.

Новак Ѓоковиќ кој испадна во четвртфиналето, заработи 395.607 долари, што секако е сума за почит. Ако се сметаат двете конкуренции, вкупниот награден фонд на Ролан Гарос за оваа година изнесуваше 45,97 милиони долари.

- Оглас -

Најнови вести