Колумбија на седум меча по ред нема дадено гол, а уште има теорија да се најде на СП во Катар

Последните две кола од јужноамериканските квалификации за Светско првенство ќе бидат многу интересни бидејќи освен Бразил и Аргентина, ниту една друга селекција не е сигурна дека ќе патува на Мундијалот во Катар. Третиот и четвртиот одат директно на СП, а петтиот ќе игра бараж.

Еквадор има загарантирано бараж, а со победа во следното коло може да си обезбеди и СП. Голема победа рано утрово извојува Уругвај, кој со 4-1 ја надигра Венецуела, па сега Уругвајците се четврти, со добри шанси за место на СП.

Зад нив се Перу, Чиле и Колумбија. Перу одигра 1-1 со Еквадор, Чиле славеше во Боливија со 3-2, а Колумбија загуби од Аргентина со 0-1, со гол на Лаутаро Мартинес. Аргентина има серија од 29 меча по ред без пораз и се наоѓа на осум меча од светскиот рекорд на Италија. Убедлив беше и Бразил, кој со 4-0 го порази Парагвај.

Интересен е случајот со Колумбија. Популарните Кафетероси дури на седум натпревари по ред од квалификациите немаат дадено гол, а уште не се отпишани.

Колумбија во последните две кола има добар распоред, дома со Боливија и на гости кај Венецуела мора да освои шест бода и да чека порази на Уругвај, Чиле и Перу. Перу, кој има два бода повеќе, има меч со Еквадор и тука е шансата на Колумбија да добие помош и да се пробие барем до петтото место и бараж.

- Оглас -

Најнови вести