Компјутерот пресмета колкави се шансите Македонија да заврши втора во групата

Македонската фудбалска репрезентација има само 13,1 отсто шанси да заврши на второто место во групата од квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар. Ова е пресметката која ја направија „We Global Football“ по комплетирање на осум од десетте кола во квалификациите.

Според тие калкулации, Германија веќе обезбеди место на завршницата на планетарниот собир, а Романија има 84 отсто шанси да заврши како втора во групата. На Македонија ѝ се даваат 13,1 отсто, додека Ерменија е со 2,9 отсто шанси да биде втора и да игра во баражот.

До крајот на групата, Романија дома игра со Исланд, а во последното коло гостува кај Лихтенштајн. Македонија игра на гости кај Ерменија, а потоа го пречекува Исланд. Според сегашната бодовна ситуација, Романија е втора со 13 бодови, Македонија има 12, а Ерменија освои 11 бода досега.

Освен калкулациите за нашата група, направена е пресметка и за сите останати селекции кои се дел од квалификациите. Германија и Данска се единствените две селекции кои и теоретски обезбедија место на СП, а компјутерот вели дека 100 отсто таму директно ќе се пласитаат и Англија и Белгија. Со огромни шанси да се први во своите групи се и Франција (99,5 отсто), Португалија (86,7 отсто), Холандија (81,8) и Италија со 74,7 отсто шанси да бидат први во својата група. Полска, Шкотска, Србија и Швајцарија, треба да бидат сигурни во баражот.

Вкупно уште 28 европски селекции имаат некакви шанси да бидат дел од Мундијалот, а најмали се шансите на Албанија само со 0,4 отсто. Ноемвриските квалификации ќе ги дадат сите дилеми околу директните патници на Мундијалот во Катар и оние кои ќе играат во баражите.

- Оглас -

Најнови вести