Конечно и дамите победија по една година пауза – Андонова беше расположена за голови, Македонија ја декласира Летонија

Женската фудбалска репрезентација на Македонија конечно забележа победа по пауза од речиси една година, а вечерва убедливо ја поразија селекцијата на Летонија во Рига со 4:1.

Капитенот Наташа Андонова ги предводеше девојките до прв триумф во Д групата за настап на Светското првенство.

Фудбалерката на шпанскиот Леванте даде два гола, а по еднаш во листата на стрелците се запишаа Гентјана Рочи и Улза Максути.

Македонија почна одлично и Рочи веќе во шестата минута ни донесе предност од 1:0 во Рига. Андонова зголеми на два гола разлика за Македонија во 28-мата минута, а домашната селекција намали на 1:2 со голот на Баличева само 120 секунди подоцна.

Гостинската репрезентација беше подобра и со головите на Максути и на Андонова од пенал во второто полувреме успеа да оствари убедлива победа.

Со тоа прекината е серијата од шест порази по ред и освоени се првите бодови во Д групата за настап на следниот Мундијал.

Следниот меч го играме дома, против Луксембург, за пет дена во рамките на четвртото коло.

 

- Оглас -

Најнови вести