Конечно потврда за фудбал и во Македонија – Рестартот е планиран за 14 или 21 јуни

Комисијата за натпреварување во рамките на Фудбалската федерација на Македонија на денешниот состанок ја потврди одлуката на прволигашите сезоната во ПМФЛ да се доигра, по второто сценарио од вкупно три понудени од ФФМ.

Рестартот се планира за 14 или 21 јуни, датуми кои се предложени за камбек на фудбалските терени во Македонија. Планот е да се одиграат уште четири кола од третиот дел на првенството, а потоа ќе се игра плејоф со шест екипи и плејаут, во кој ќе учествуваат последните четири клуба на табелата, но ниту еден од нив нема да испадне.

„Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плејоф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плејофот се стекнуваат со право на учество во европските натпреварувања на УЕФА. Плејаут (последнопласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плејаут-фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во европските натпреварувања на УЕФА“ е планот што го изгласаа прволигашите, а го прифати и ФФМ.

Против одлуката да нема испаѓање се изјаснија Македонија Ѓорче Петров и Силекс, со образложение дека нема логика да се игра плејаут, а да нема испаѓање.

Комисијата за натпреварување во ФФМ ќе предложи продолжување на првенството во термин од 14 до 21 јуни, а за предложените датуми ќе се информираат и во координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на корона-вирусот, информираат од ФФМ.

Сите натпревари ќе се играат без присуство на гледачи на стадионите, а ќе биде ограничен и бројот на присутни лица кои ќе бидат дел од организацијата на натпреварите.

Исто така, фудбалерите, стручните штабови и сите други лица вклучени во тимовите, како и официјалните лица на натпреварите се обврзани да го почитуваат здравствениот протокол за одигрување на натпревари.

Екипите од Втора МФЛ нема да го продолжат натпреварувањето од сезоната 2019/20, а Комисијата за натпреварување препорачува тоа да го следат и тимовите од Трета МФЛ, како и останатите пониски лиги.

- Оглас -

Најнови вести