Конечно ќе се игра ланското финале – Атлетик и Реал Сосиедад на мегдан на 3 април за пехарот во Копа дел Реј

Атлетик Билбао и Реал Сосиедад конечно дознаа кога ќе го играат ланското финале во шпанскиот куп и за пехарот битка ќе бијат на 3 април, на стадионот „Ла Картуха“ во Севилја.

Ова е најдолгото познато пролонгирање на финале во Копа дел Реј, а и двете екипи се согласија за одложување уште лани.

И Атлетик и Реал Сосиедад бараа да се игра во период кога ќе може да има публика на трибините, а се очекува до април да попуштат строгите мерки во ерата на корона-вирусот и двете екипи од Баскија да се играат за вредниот пехар со присуство на навивачи на трибините.

Атлетик Билбао со 23 трофеи во шпанскиот куп е на второто место на вечната листа победници, зад рекордерот Барселона со 30 трофеи.

Реал Сосиедад ќе игра за третата титула во осмото финале во клупската историја на екипата што е формирана пред 111 години.

Интересно е што актуелното издание на Копа Дел Реј веќе стаса до четвртфиналето, а денеска беа извлечени и двојките.

Леванте со Енис Барди ќе игра против Вилјареал, Гранада за противник ја доби Барселона, Бетис ќе игра со Атлетик Билбао, а Алмерија ќе се обиде да и се спротивстави на Севилја на дуели што ќе се играат од 2. до 4. февруари.

- Оглас -

Најнови вести