Конечно: прекината најдолгата низа на порази во историјата на тенисот

Кинеската тенисерка Шаи Жанг конечно се израдува на победа. Повеќе од 600 дена оваа тенисерка немаше победа на професионален турнир, а постот го прекина на ВТА-турнирот во Пекинг. По голема борба, Жанг со 7:6, 7:6 ја победи Кеслер Мекартнеј, која е на 65-тото место на ВТА.

Почетокот на мечот не ветуваше многу за 595-тата тенисерка во светот откако на стартот го загуби својот сервис. Сепак, Кинезинката реши да не се предаде и стигна до 6:6, а тај-брејкот го доби со 7:5.

Во вториот сет, двете тенисерки по трипати го губеа својот сервис, а потоа Жанг при предност од 5:4 имаше и меч-топка, која не ја искористи. И вториот сет отиде во тај-брејк, а овојпат беше поубедлива и го доби со 7:1.

Со оваа победа Жанг прекина низа од 24 порази по ред, што воедно беше и најдолга низа без победа на една тенисерка или тенисер во историјата на Опен Ерата. Искусната 35-годишна Кинезинка освои три ВТА-титули во поединечна конкуренција, а има и две титули на гранслем, и тоа во конкуренција на женски двојки, заедно со Саманта Стосур. Овие две победуваа на Отвореното првенство на Австралија 2019 и на Отвореното првенство на САД 2021.

Најдобриот пласман на Жанг во кариерата е 22-рото место на ВТА-листата.

- Оглас -

Најнови вести