Конфликтот во Газа не е проблем: Израел ќе одигра четири меча само за девет дена

Европската фудбалска федерација (УЕФА) донесе одлука за нови термини за одложените мечеви од квалификациите за ЕП во Групата И. Израел овој месец требаше да игра против Швајцарија и Косово, но двете средби беа одложени поради почетокот на конфликтот во областа Газа.

Според планот на УЕФА, тие два меча ќе се играат следниот месец, и тоа непосредно пред термините за последните две кола од квалификациите. Според распоредот, Израел ќе одигра дури четири натпревари само во девет дена.

На 12 ноември Косово ќе го угости Израел, а на 15 ноември Израел како домаќин треба да игра против Швајцарија. Распоредот за ноемврискиот термин останува непроменет, па на 18 следниот месец ќе играат Израел – Романија, а за 21 номеври е закажан дуелот Андора – Израел, кога и ќе се комплетираат квалификациите.

Бидејќи првите два дуела ќе се играат во термини кои не се во официјалниот календар на УЕФА, одлучено е дека сите клубови мора да пуштат барем по еден фудбалер од секоја репрезентација која ќе игра во тие термини.

Во Групата И на прво место е Романија со 16 бодови од осум меча, а потоа следуваат Швајцарија со 15 бода (7 средби), па Израел со 11 бода од шест дуела, Косово со седум бода (7 средби), додека без шанси се Белоруија со шест бода од осум дуела и Андора, која има само два освоени бода.

- Оглас -

Најнови вести