Кошаркарите се на чекор од “рајот“: Една победа нѐ дели од пласман во А дивизијата после 16 години

Младата репрезентација на Македонија за кошаркари до 20 години е на само една победа од пласман на Европското првенство – А дивизија. Најдобрите три репрезентации од ЕП – Б дивизија кое во моментов се одржува во Скопје ќе одат ранг погоре, а Македонија веќе е во полуфиналето и на само еден чекор од пласман помеѓу најквалитетните европски репрезентации после пауза од 16 години.

Македонија последен пат на Европско првенство за кошаркари до 20 години играше во 2007-мата година, кога првенството се одржуваше во Италија и Словенија, но генерацијата на Војдан и Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Александар Костоски, Кирил Николовски … тогаш заврши на претпоследната, 15-та позиција и испадна во Б дивизијата, и од тогаш Македонија не успева да се врати во најквалитетното друштво.

За такво нешто на Теодор Симиќ, Андреј Митревски, Амар Хот и останатите момци потребна им е победа денес против Украина или при евентуален пораз денес, победа утре во борбата за третото место што би значело пласман во повисок ранг, односно на Европското првенство за кошаркари до 20 години.

Нашите момци одиграа одлично првенство, забележавме само еден пораз, оној на стартот од Чешка кога имавме водство и од +15, а потоа се нижеа само победи, и тоа против Словачка, Бугарија, Ирска и вчера во четвртфиналето против Велика Британија. Сето ова треба да биде наградено со полна сала и зошто да не и освојување на првенството во Скопје, а не само со пласман во А дивизијата.

Натпреварот во спортската салата “Борис Трајковски” во Скопје започнува во 18:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести