Кошаркарската легенда обожува да се обложува, хуманитарниот тикет му е топ

Хуманитарната акција на Sport Life продолжува со легендата на македонската кошарка Борис Нешовиќ. Тој е редовен обложувач, ги познава приликите во фудбалска Европа, често има добитни тикети и неговиот хуманитарен тикет дефинитивно е составен од компетентна личност. Сепак, признава дека подобро му оди со погодување на кошаркарски мечеви.

„Во обложувалница сум речиси секој ден. Обично уплаќам по 100 денари, сум имал доста добивки, но не поголеми од 7-8 илјади денари. Добивките најчесто ми биле со износ од 2.000 до 8.000 денари. Секако, имало и многу случаи кога за една утка не сум добивал 10 илјади, па и до 15.000 денари. Најчесто се обложувам на фудбал, кошарка и тенис“, вели Нешовиќ.

СЕКОГАШ СЕ ОБЛОЖУВА НА ОМИЛЕНИОТ МИЛАН, А РОСОНЕРИТЕ ЧЕСТО МУ ГИ „ГОРАТ“ ТИКЕТИТЕ

Некогашниот кошаркар на Кочани Деликатес, Работнички, Куманово, МЗТ Скопје, Балкан стил, Поло трејд, Карпош Соколи има омилени тимови, а тоа се Милан во фудбал и Партизан во кошарка. Тие клубови се редовно присутни на неговите тикети.

„Секогаш се обложувам на натпревари на Милан, и, за жал, обично не погодувам. Што се однесува до кошарката, се обложувам и на Партизан, но и на НБА, Евролигата, некогаш кога има и на домашното првенство и регионалната кошарка. Во прогнозирањето на кошаркарските мечеви повеќе погодувам, но во кошарката и малку помали се коефициентите за разлика од фудбалот, каде што има поголем избор и може да се начекаат поголеми квоти во лиги кои помалку се играат“, раскажува човекот кој поради физичката конституција и знаењето кое го имаше, можеше да игра на неколку позиции.

ВО МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА ГЛЕДА САМО ТЕМНИНА, НО ИМА НАДЕЖ ДЕКА РАБОТИТЕ ЌЕ СЕ ПОДОБРАТ

Нешовиќ не е задоволен од моментниот квалитет на македонската кошарка.

„Ситуацијата е катастрофална, кошарката е драстично падната, нема свежа крв. Нема млади играчи кои излегуваат, клубовите се потпираат на странци, а и тие странци не се екстра квалитет, туку колку да се пополни бројот на играчи во составот. Смената на генерации е неизбежна, можеби кога играчите до 16 години кои влегоа во А дивизија ќе созреат, би имале некакво подобрување, но ќе треба да чекаме. Не гледам никако светло, сè ми е темно. Нема млад играч кој отскокнува, па да биде носител во клуб или репрезентација. Се игра колку да се каже, а најжално е што школите на двата најголеми клуба, Работнички и МЗТ, кои треба да генерираат млади играчи, не даваат резултати во моментов. И кога ќе се појави некое дете кое е квалитет, си бега, претежно во странство. Тука останува мал квалитет и затоа лигата е послаба“, смета Нешовиќ, кој беше член на МЗТ Скопје кога тимот приреди сензација против Реал Мадрид во 1996 година, а во тој состав на Металците имаше само еден странец, нешто што е незамисливо за најдобрите македонски тимови во последно време. На 20-годишнината од победата, Борис доби дрес во рамка како благодарност.

ПО СМЕНАТА НА ГЕНЕРАЦИИ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ТИМ, НЕ ТРЕБА ДА СЕ БАРА РЕЗУЛТАТ ПРЕКУ НОЌ

Утре попладне македонската кошаркарска репрезентација во Талин игра со Италија, во квалификациите за ЕП 2022, а два дена подоцна е можеби клучниот дуел со Естонија, на кој треба да бркаме победа од 10 поени разлика.

„Дома имавме кикс со Естонија и сега нема што да се загуби. Мислам дека може да направат добар резултат, но немаа доволно време за подготовка и воигрување, па и на новиот натурализиран играч му треба време да се навикне на системот и да се запознае со можностите на соиграчите. Не знам дали и колку ќе може Вајли за толку брз период да помогне, искрено, се сомневам дека може да направи чудо. Од тоа што го видов во Скопје, Естонците технички не се нешто подобри, но физички се појаки, подобри беа во скокот и трчањето. Мислам дека шансите се 50-50, нашата селекција ќе даде отпор, имаме играчи кои имаат минутажа по клубовите. Тешко ќе биде да се победи, а камоли со 10 поени разлика. Со смената на генерации, не треба да се бара резултат преку ноќ. Ова треба да биде големо искуство и во нареден циклус играчите да бидат поспремни“, анализира Нешовиќ.

ГО ИСПОЛНУВА РАБОТАТА СО МЛАДИ ВО ПАРТИЗАН ВОДНО САНС

Нешовиќ по завршување на кариерата како играч, работеше и како тренер, го водеше клубот Торус, а сега е посветен на работа со деца.

„Одамна не сум работел во сениорски прволигашки клуб, не сум ни добил повик, не ме контактирале. Дојдоа нови генерации на тренери кои сакаат да се докажат, но јас секако сум во сала и работам, повеќе се посветив на работа со деца во Партизан Водно санс. Има добри деца во генерацијата 2007-2008 и ако се продолжи со правилна работа, може 2-3 деца да излезат на површина и да остават белег во иднина“, заклучува Нешовиќ.

- Оглас -

Најнови вести