Кошмар за Ѓоковиќ во мечот кој требаше да му биде круна на кариерата!

Данил Медведев на сензационален начин со 3:0 во сетови го победи Новак Ѓоковиќ во финалето на Отвореното првенство на САД. На теренот на легендарниот „Артур Еш“, Медведев го растури најдобриот тенисер на денешницата (6:4, 6:4, 6:4), и тоа во меч на кој Ѓоковиќ се надеваше да испише историја во светскиот тенис.

Уште во првиот гем на мечот, Русинот направи брејк и потоа ги доби своите сервиси за 6:4 во првиот сет. Слична беше ситуацијата и во вториот сет. На 2:2, Медведев направи брејк и повторно го доби сетот со 6:4 за водство од 2:0. Во третиот сет, Ноле буквално се предаде. Србинот ги загуби првите два свои сервиси, па Медведев поведе со 4:0. На 5:2, Медведев пропушти една меч-топка, а Ѓоковиќ првпат успеа да земе гем на сервис на противникот и намали на 5:3, а потоа и на 5:4. Сепак, Медведев не дозволи да има пресврт и за малку повеќе од два часа стигна до победата.

За 25-годишниот Медведев ова е прв гренслем-турнир, и тоа во историски меч. Ѓоковиќ остана на 20 гренслем-титули, колку што имаат и Рафаел Надал и Роџер Федерер како најтрофејни тенисери во Отворената ера. Освен што не успеа да ги надмине големите ривали Надал и Федерер, Ѓоковиќ пропушти шанса да стане и првиот тенисер кој ќе комплетира календарски гренслем, односно да победи на сите четири највредни турнири во една година.

Немоќта што ја имаше во текот на мечот, Ѓоковиќ ја демонстира и со кршење на рекетот и неколку нервозни реакции кои може да ги видите ТУКА.

 

- Оглас -

Најнови вести