Костиња: Само љубоморни луѓе го мразат Кристијано

Кристијано Роналдо е еден од најдобрите фудбалери на светот во последните години, прв стрелец е во историјата на Лигата на шампионите, има најмногу следбеници на социјалните мрежи, има врски со згодни девојки, богат е, се грижи за своето тело, но поради сето ова, 35-годишниот Португалец има и многу популарно наречени „хејтери“. На многу стадиони каде што гостува е исвиркуван и не го сакаат, веројатно од страв дека ќе му нанесе пораз на нивниот тим.

Поранешниот соиграч на Роналдо од португалската селекција, Костиња го памети Кристијано од првите денови кога заигра за сениорскиот национален тим и сфатил дека станува збор за необичен талент.

„Се виде дека сака да биде најдобар. Тренираше напорно за да ја оствари целта. Секогаш ги почитуваше постарите и поставуваше многу прашања, собираше информации како да напредува и да стане уште подобар. Не е човек кој чека нешто да му падне од небо. Брзо стана лидер. Среќен сум кога гледам што постигна во животот. Не може да не го сакате, освен ако не сте љубоморни“, вели Костиња, кој во 2004 година со Порто ја освои Лигата на шампионите.

Костиња смета дека играњето во Манчестер за менаџерот Алекс Фергусон било многу корисно за Роналдо бидејќи таму станал поагресивен и научил кога да дрибла, а кога да додаде. Во 2012 година бил на тренинг на Реал Мадрид и бил импресиониран од тоа што го видел од Роналдо.

- Оглас -

Најнови вести