Кралска ноќ за Бензема, го достигна легендарниот Раул, а Леванте на Барди отпатува во втора лига

Реал Мадрид во шампионски стил, убедливо со 6:0 го победи Леванте, во меч од 36-тото коло во шпанското првенство. Домаќините уште во првото полувреме ги решија сите дилеми против Леванте, тим кој со овој пораз е сигурен дека следната сезона ќе игра во Втората лига на Шпанија.

Менди во 13-тата минута погоди за 1:0 за Реал, а до крајот на првиот дел погодуваа и Бензема во 19-тата, Родриго во 34-тата и Винисиус Јуниор во 45-тата минута за 4:0. Од сите овие четири голови, посебно значење имаше погодокот на Бензема.

За францускиот голгетер ова беше 323-ти погодок во дресот на Реал Мадрид и сега се израмни со легендарниот Раул Гонзалес на второто место на листата на вечни стрелци во Кралскиот клуб. Пред Бензема сега е само Кристијано Роналдо, кој има постигнато неверојатни 450 голови за Реал.

Во второто полувреме Винисиус Јуниор го продолжи гол-шоуто. Најпрво зголеми на 5:0 во 68-мата минута, а потоа со својот трет погодок на мечот ги постави и конечните 6:0. Македонскиот репрезентативец во дресот на Леванте, Енис Барди, мечот го започна како резерва, но во игра влезе во 39-тата минута, откако гостинскиот тренер реши да замени двајца фудбалери при резултат 3:0 за Реал.

- Оглас -

Најнови вести