„Фармерот“ Сетјен веќе не е тренер на Барселона, Куман седнува на негово место

Фудбалскиот клуб Барселона на денешниот состанок на Бордот ја потврди одлуката за разрешување на досегашниот тренер Кике Сетјен. По катастрофата од 2-8 против Баерн Минхен, беше јасно дека тоа ќе биде последен меч за Сетјен, кој на клупата на Барса изненадувачки седна зимоска, како наследник на Ернесто Валверде.

И самиот Сетјен беше изненаден од ангажманот, изјавувајќи дека еден ден пред потписот бил на фарма со своите крави.

Нов тренер на Барса ќе биде Роналд Куман, човекот кој во 1992 година со гол од слободен удар на Каталонците им ја донесе првата титула во Лигата на шампионите. Куман работи како селектор на холандската репрезентација, па ќе треба да се докомплетираат некои детали околу раскинувањето на соработката со холандската федерција и договорот со Барселона, кој се очекува да биде тригодишен.

Наводно, среда е денот кога Куман и официјално ќе биде претставен како нов предводник на Каталонците.

Куман, меѓу другото, ќе треба и да го убеди Лионел Меси дека треба да остане во Барселона. Освен како играч, 57-годишниот Куман беше во Барса и како помошник-тренер во времето кога шеф беше Луис Ван Хал. Има доста дилеми и околу него дали е вистинскиот човек за тренер на Барселона бидејќи нема баш успешна тренерска кариера со клубовите кои ги водеше.

Бордот на Барса проценил дека е потребно да продадат играчи по вкупна цена од најмалку 200 милиони евра, па затоа освен Тер Штеген, Фати, Пуиг, Де Јонг и Меси, сите други може да си одат. Најголеми шанси да си одат имаат играчите над 30 години и оние со подолги договори.

- Оглас -

Најнови вести