Критики за Ноле: Тениското шоу заврши како хорор филм што ќе ја загрози сезоната

Новак Ѓоковиќ покажа огромна незрелост и неодговорност, а ова со „Адрија“ турнирот се претвори од тениско во хорор шоу, вели Бруно Соареш, бразилски тенисер кој заедно со најдобриот на светот е во Советот на играчи во Асоцијацијата на професионални тенисери.

Српскиот тенисер пред неполн час објави дека има позитивен наод на ковид-19, заедно со споругата Јелена, а, за среќа, неговите деца се со негативни тестови. Пред Новак, со опасниот вирус се заразија и Григор Димитров, Борна Чориќ и Виктор Троицки, сите учесници на „Адрија“ турнирот кој се играше во Белград и во Задар под покровителство на семејството Ѓоковиќ.

„Ова сега асоцира на пропаст на целата сезона. Не знам дали воопшто ќе се игра тенис во 2020 година“, вели Тара Мур, тенисерката од Велика Британија, која им посака на сите тенисери што побрзо да се вратат на тениските терени.

Свое мислење има и легендата Никола Пилиќ, кој му беше еден вид тениски ментор на Ѓоковиќ.

„Каква сезона? За што разговараме тука? Невозможно ќе биде да се игра на Отвореното првенство на САД во услови кога тенисерите од Европа би минале карантин од две седмици. И не, ова нема врска само со тенисот, туку со сите спортови. Како ќе контролирате толкава маса од луѓе на трибините. Тоа е невозможно и ќе претставува огромен проблем“, вели Пилиќ.

Ѓоковиќ и сите останати од турнирот „Адрија“ што имаат позитивни тестови ќе бидат во самоизолација 14 дена, а ќе се тестираат повторно за пет дена од објавувањето на резултатите од првичните тестирања.

Дел од тенисерите побараа и оставка од Ѓоковиќ на позицијата претседател на Советот на играчи на АТП.

- Оглас -

Најнови вести