Куман го избрка Суарес од Барселона, а сега може да се случи обратното

Луис Суарес беше првиот фудбалер кој беше „пречкртан“ од Ронал Куман по доаѓањето на холандскиот стратег во Барселона. Уругвајскиот голгетер мораше да си замине од „Камп ноу“, но тоа за него се покажа како вистински потег. Суарес замина во Атлетико Мадрид, каде што повторно блесна и беше еден од најзаслужните што Јорганџиите ја освоија титулата во Примера дивисион.

Сега Суарес зборуваше за моменталната ситуација во која е Барселона и за неговиот однос со Куман.

„Куман ме третираше како да сум 15-годишник, а на Бартомеу ме претстави како да сум штетник во екипата. Ме исфрлија од тимот, требаше да тренирам одвоено од другите“, се сеќава Суарес за тоа што му се случуваше пред година и пол.

Додека Суарес ја носи титулата шампион во Шпанија, Куман тоне со Барселона. Каталонскиот гигант ги загуби двата меча во Лигата на шампионите, игра лошо во првенството и му се заканува отказ на холандскиот стратег. Во следното коло, Барселона ќе игра на гости кај Атлетико, а Суарес вели дека едвај го чека тој меч.

„Сакам победа в сабота. Сакам и да дадам гол, но ако тоа се случи, нема да славам, и тоа само поради почит кон Барселона“, рече Суарес.

Уругваецот во Барселона помина шест години. Одигра 283 натпревари и постигна 198 погодоци. Куман нема да биде на клупата на Барселона за дуелот против Атлетико затоа што тренерот на Каталонците одлежува суспензија од два меча поради црвениот картон добиен на мечот против Кадис.

 

- Оглас -

Најнови вести