Куман никогаш не бил посреќен од играта на Барселона, сега верува дека може да се случи чудо и со ПСЖ

Барселона по голема борба и 120 одиграни минути во реваншот, успеа да ја елиминира Севилја во полуфиналето од Купот на Шпанија. Каталонскиот гигант во регуларните 90 минути славеше со 2:0, што беше ист резултат како на Севилја кога победи на првата средба на свој терен, па мораа да се играат дополнителни 30 минути.

Во дополнителното време, домаќините дадоа уште еден, трет гол за голема радост и пласман во финалето на Купот. Тоа што е многу важно за Каталонците е дека иако до 93-тата минута беше само 1:0, не се предадоа и напаѓаа, а тоа резултираше со погодок, буквално во последните секунди од мечот, за 2:0, со што се спасија од елиминација.

„Горд сум на оваа екипа. Навистина не можам да барам ништо повеќе од ова што го направија. Менталитетот на екипата се промени, а единствена работа која ја сакам е ваков момент да доживееме пред полн стадион. Се надевам дека за финалето ќе има навивачи“, по мечот рече тренерот на Барселона, Роналд Куман.

Холандскиот стратег вели дека Барселона заслужено оди во финалето. Куман беше запрашан дали Барселона може да се врати и од негативата 1:4 што ја има против ПСЖ.

„Секојдневно напорно работиме и го заслуживме ова финале. Дали е ова мојот најсреќен ден откако сум дојден во Барселона? Да. Одигравме комплетен меч и го свртевме резултатот во наша корист. Што се однесува до пресвртите и дали ова може да го повториме и против ПСЖ, можам да речам дека е многу полесно да се вратите од 0:2 отколку од 1:4. Сепак, ние ќе одиме и на тој меч со мисли дека имаме шанси да се пласираме понатаму“, додаде Куман.

Пред неколку сезони Барселона успеа да направи чудо против ПСЖ и по поразот од 4:0 во првиот меч на „Камп ноу“ да слави со 6:1. Сепак, сега ситуацијата е поинаква и реваншот се игра во Париз.

 

- Оглас -

Најнови вести