Куманово го испоти шампионот, но „Градски парк“ останува неосвоива тврдина

Актуелниот македонски првак, тимот на Работнички се врати на врвот на табелата по победата над Куманово со 88:79 во мечот од 15-тото коло во Првата лига. Избраниците на Марин Докузовски и по седум средби на домашен терен остануваат непоразени, иако Куманово им направи доста проблеми во „Градски парк“.

Се чинеше дека ќе биде лесен триумф за Работнички, откако по првиот период домаќините водеа и со +13 поени. Ништо не се смени и во остатокот од мечот, Работнички ја имаше контролата на топката, а во еден момент разликата во нивна корист гласеше и +18, за во решавачките минути Куманово да дојде до првата предност при резултат од 67:69. Сепак, фуриозната серија од 14-2 на Работнички во последните неколку минути значеше дека гостите ќе го претрпат и седмиот овосезонски пораз во шампионатот.

Дури пет кошаркари од домашниот состав завршија со двоцифрен број на поени, а најмногу постигна Костов, 19, а значаен придонес имаше и Сајиќ со 11 асистенции покрај неговите скромни пет поени. Кај поразените најрасположен беше Думиќ со двоен учинок од 21 поен и 11 асистенции.

Кожув на домашен терен го совлада тимот на Пелистер со конечни 73:68, додека претходно Фени индустри на гостувањето кај Вардар победи со резултат од 80:70.

- Оглас -

Најнови вести