Куманово ја запиша 10-тата овосезонска победа совладувајќи го тимот на Блокотехна со конечни 86:65. Избраниците на Ацо Петровиќ и ќе се најдат меѓу шесте екипи кои ќе играат во Суперлигата, доколку и во последното коло против слабиот Шкупи освојат два бода.
Домаќините од старт го контролираа мечот, па уште на паузата заминаа со високи 47:29. Гостите од Гевгелија добија само еден период, третата делница им припадна со минимални 12-15, но тоа воопшто не беше доволно за да има неивесност во овој дуел.
Ѓекиќ беше најдобар во составот на Куманово со 19 поени и седум скока, по 12 реализираа Пенов и Думиќ. Кај поразените, најрасположен играч на теренот беше Божо Думиќ со 22 поени, 15 поени додаде Младеновиќ.
За Куманово да се најде во Суперлигата, потребно беше МЗТ Скопје да слави на гостувањето во Кавадарци кај Фени индустри, меч кој „штрковите“ го добија дури по две продолженија со конечни 95:103.
Иако домаќините водеа со 43:33 по првите две четвртини, а кошаркарите на Ѓорѓи Кочов со додатни сили иако без двајца странци во составот, се изборија за неизвесна завршница во одлучувачкиот период. Во последната минута од одлучувачката четвртина Фени влезе со предност од +3, но аеродромци со слободните фрлања на Бојиќ го однесоа мечот во дополнителни два периоди.
Најзаслужен за победата на МЗТ беше Симоновски со 25 поени и осум скока, 15 додаде Дамјан Стојановски. Јане Петровски со 26 поени беше најрасположен играч од составот на Фени.