Кутроне и Чалханоглу спречија голем срам на „Сан Сиро“, децата на Арсенал си поиграа со Ворскла

Милан со убедливи 5-2 го совлада тимот на Дуделанж. „Росонерите“ за малку ќе го претрпеа најголемиот срам во клупската историја откако аутсајдерот од Луксембург по 50 минути игра водеше со 2-1. Кутроне донесе водство во 21-та минута, а потоа Столз и Турпел реализираа два гола во 39-тата, односно 49-тата минута за пресврт на „Сан Сиро“.

Сепак, избраниците на Гатузо брзо се разбудија од шокот. За израмнување стигнаа преку автоголот на Стелвио во 66-та минута, а само четири минути подоцна Чалханоглу донесе нова предност за „росонерите“. Во 78-та минута гостите одново ја затресоа сопствената мрежа, а Борини во 81-вата ги постави конечните 5-2.

Со овој триумф, Милан е еден чекор поблиску до нокаут-фазата, а пласманот ќе го обезбедат и со реми против Олимпијакос во последното коло. Од групата Ф, играа Бетис и Олимпијакос, а андалузискиот тим со минимални 1-0 беше подобар од Грците. Бетис со 11 бода обезбеди место во нокаут-фазата.

Арсенал веќе обезбеди Европска пролет, а вечерва со убедливи 3-0 на гостувањето кај Ворскла го запечатија првото место во групата Е. „Топчиите“ со комбиниран состав без поголеми проблеми стигнаа до 13-от бод, а за триумфот погодија Смит-Роу, Ремзи и Вилок. Спортинг Лисабон го обезбеди второто место од групата Е, со високи 6-1 славеше против Карабах.

БАТЕ Борисов со 2-0 триумфираше против МОЛ Види, прекинувајќи ја низата од три порази. Сигневич во 22-рата и Иваниќ во 85-тата минута погодија за победата, додека нашиот репрезентативец Бобан Николов ги одигра последните петнаесетина минути од средбата, влегувајќи на местото од Хусти.

Фенербахче и Динамо Загреб одиграа без голови, бидејќи тој резултат одговараше на двете екипи. И со 0-0, Динамо и Фенер обезбедија место во следната рунда, „модрите“ со 13 бода како првопласирани, додека тимот за кој настапува и нашиот Елиф Елмас, со осум бода од второто место ќе игра во шеснаесетфиналето.

Резултати Лига на Европа:

Милан – Дуделанж 5-2

Андерлехт – Трнава 0-0

Баерн Леверкузен – Лудогорец 1-1

БАТЕ Борисов – МОЛ Види 2-0

Бетис – Олимпијакос 1-0

Бордо – Славија Прага 2-0

Фенербахче – Динамо Загреб 0-0

Краснодар – Акхисар Беледије 2-1

Карабах – Спортинг Лисабон 1-6

Розенборг – Селтик 0-1

Салцбург – Лајпциг 1-0

Ворскла – Арсенал 0-3

Зенит – Копенхаген 1-0

Цирих – АЕК Ларнака 1-2

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести