Квалификациите за ЕП 2024 стартуваат за два месеца, а противникот на Македонија остана без селектор

Фудбалската федерација на Украина (УАФ) ја прекина соработката со селекторот Олександр Петраков на малку повеќе од два месеца пред стартот на квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година што ќе се игра во Германија.

УАФ не соопшти која е причината за раскинот на договорот со Петраков, но на сега веќе поранешниот селектор му посака среќа во иднина.

„УАФ ја прекина соработката со селекторот на нашата репрезентација Олександр Петраков. Му посакуваме успех во неговата понатамошна кариерата и нови победи“, соопшти УАФ преку социјалните мрежи.

Украина игра во групата Ц во квалификациите за ЕП 2024 година, а првиот натпревар ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ на 16 јуни, додека возвратниот натпревар е закажан за 14 октомври, во претпоследното квалификациско коло.

Покрај Македонија и Украина, во групата Ц се наоѓаат уште и Италија, Англија и Малта.
Македонија квалификациите ги стартува на 23 март во Скопје против Малта, додека Украина на 26 март ѝ гостува на Англија.

- Оглас -

Најнови вести