ЛА лејкерс и Волтон ја прекинаа соработката

Може да се каже дека се очекуваше ваков потег на раководството на Лејкерс. По уште една неуспешна сезона во која „езерџиите“ станаа без плејоф, виновникот за тоа го најдоа во тренерот Лук Волтон, а тој од вчера навечер повеќе не е тренер на втората најтрофејна франшиза во НБА лигата. Од таборот на екипата од Ел – еј пред неколку дена замина и претседателот Ервин „Меџик“ Џонсон.

Лејкерс и Волтон се разделија, а како што кажа генералниот директор Роб Пелинка, ова е заемна одлука. Волтон во трите сезони не ги оправда очекувањата, па сега Лејкерс ќе бараат тренер кој може да ги однесе до разигрувањата, па и до самиот пехар. Ниту доаѓањето на Леброн Џејмс оваа сезона не се исплатеше, па во текот на летото во Лос Анџелес ќе се случи голем ремонт, а веќе има двајца кандидати за тренерската позиција.

Прв е Тајрон Лу, тренерот на Кливленд кавалирс кој соработуваше со Леброн Џејмс и заедно ја донесоа првата шампионска титула во историјата на тимот од Охајо. Вториот кандидат е помошниот тренер во Филаделфија севентисиксерс, Монти Вилијамс.

Лу е фаворит поради што веќе соработувал со Џејмс и успеал во обидот да дојде до шампионски прстен, но засега не се знае во кој правец ќе се движи реконструкцијата на шестнаесеткратниот првак.

- Оглас -

Најнови вести