Лани ова време се радуваа на титулата во Лигата на Европа, а сега ги чека „финале“ да не испаднат од лига

Тотенхем синоќа загуби на гости кај Челзи и во пресрет на последното коло и останува опасноста да испадне од Премиер лигата. Во последното коло лондонскиот тим на свој терен ќе игра против Евертон и доволно е да не загуби за да остане во елитното друштво. Тренерот Роберто де Ѕерби вели дека дуелот против Евертон ќе биде многу поважен од финалето кое Тотенхем точно пред една година го играше во Лигата на Европа.

„Недела е финалето за Тотенхем. Не Билбао против Манчестер јунајтед (во Лигата на Европа минатата сезона). Најважниот натпревар е во недела“, рече Италијанецот Де Ѕерби.

„Овој меч што следува е за повеќе од трофеј. Тоа е за гордост на клубот и историјата. Можете да освоите трофеј и да добиете уште еден трофеј, но ова е поважно. Тоа е прашање на достоинство“, додаде стратегот.

Не е изненадување тоа што Тотенхем е во ваква лоша ситуација. Минатата сезона тие се спасија од испаѓање во последен момент и завршија на 17-тото место, последно кое носи опстанок во елитното друштво. Лошата ланска сезона ја „замаскираа“ со освоениот трофеј во Лигата на Европа. Тоа беше прв трофеј на клубот од 2008 година. Наместо да биде чекор кон подобри работи, сепак Тотенхем сега е во сериозна опасност од прво испаѓање од 1977 година, а нерешено против Евертон ќе беше доволно.

Во текот на целата сезона, Тотенхем дома имаше само две победи, а сега едноставно не може да си дозволи да го изгуби. Ако тоа се случи и Вест хем го победи Лидс јунајтед, Тотенхем ќе мора да почне да се подготвува за настап во Чемпионшип. Де Ѕерби сепак останува позитивен.

„Би сакал да играме во недела како што игравме во последните 20 минути против Челзи бидејќи во последните 20 минути покажавме повеќе енергија, повеќе страст, нешто повеќе во нас“, рече тој.

„Секој од играчите е фокусиран на целта. Тие работат напорно во текот на неделата и секој од нас сака да ја постигне целта. Мислам дека играме финале во недела, важен натпревар, но на нашиот стадион, па затоа мора да преживееме. Но, ова е голем ден за нас“, заклучи Де Ѕерби.

- Оглас -

Најнови вести