Финалето на фудбалскиот Куп на Македонија секогаш бил натпревар кој нудел многу возбуда, интерес и неизвесност. Вечерва, на Арената „Тодор Проески“, Силекс и Шкендија ќе влезат во фудбалска битка за трофејот во најмасовното клупско натпреварување кај нас.
За двата клуба ова ќе биде шесто финале. Силекс има три титули во Купот, а Шкендија се радувала на два трофеи досега. Ова е вкупно 33-то финале на Купот на Македонија.
Двата тима добро се познаваат и нема да има многу непознаници околку квалитетот со којшто располагаат. Во последните три години имаат одиграно девет меѓусебни дуели, во кои Шкендија има две победи, Силекс се радувал двапати, а два дуела биле без победник. Тоа што е карактеристично е дека на седум од тие девет пресметки, двата тима постигнувале барем по еден гол.
Сепак, можно е сега ситуацијата да е поинаква затоа што влогот е многу поголем. Тренерот на Силекс, Александар Васоски, најави дека може да се очекува дуел со повеќе калкулации и претпазливост затоа што се работи за еден меч и нема многу простор за поправка на евентуална грешка.

Стратегот на Шкендија, Јетон Беќири, потенцира дека ова ќе биде 54-ти дуел за неговиот тим сезонава, но дека евентуалниот замор треба да биде заборавен и дека нивната цел е освојување на пехарот.
Шкендија ја загуби трката за титулата со Вардар и тетовци ќе завршат на второто место на табелата, па сега ова е нивна шанса да стигнат до трофеј сезонава. Дури и да го загуби финалето, Шкендија сигурно ќе игра во квалификациите од Конференциската лига.
За разлика од Шкендија, влогот на Силекс е поголем. Кратовци се четврти на табелата во првенството и така немаат излез во Европа, но ако го освојуат Купот, Силекс ќе има европско лето во Конференциската лига на УЕФА.
Освен на теренот, борба може да се очекува и на трибините, каде што се најавени фанови на двата клуба. Најважно е финалето да помине во фер и коректна атмосфера.

