Лапорта не се откажува од Суперлигата и најави нејзин старт за две години, но под еден услов

Фудбалската Суперлига би можела да стартува во 2025, но под еден услов, судот да пресуди во корист на клубовите, рече Жоан Лапорта, претседател на Барселона.

„Во март или во април ќе ја имаме конечната одлука на Европскиот суд на правдата. Доколку пресудата биде поволна, мислам дека стартот на Суперлигата ќе биде во 2025 година“, изјави Лапорта.

Лапорта заедно со првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез и поранешниот претседател на Јувентус, Андреа Ањели, ги тужеа УЕФА и ФИФА во Европскиот суд на правдата бидејќи ги злоупотребиле овластувањата со заканите за исфрлање на клубовите и играчите од нивните натпреварувања доколку и се приклучат на Суперлигата.

Дванаесет европски гиганти (Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Милан, Интер, Јувентус, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Челси, Ливерпул, Арсенал и Тотенхем), минатата година ја формираа Суперлигата, но по само 48 часа, под притисок на навивачите, УЕФА, и политичарите, проектот пропадна.

Девет тима се повлекоа од Суперлигата и се обврзаа дека нема повеќе да се вклучуваат во овој проект, а верни и останаа само Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, кои се жалеа во Европскиот суд на правдата и се надеваат дека ќе пресуди во нивна корист.

Но, пред неполн месец, главниот адвокат на Европскиот суд на правдата оцени дека УЕФА имала право да им се закани на клубовите со санкции. Адвокатот Атанасиос Рантос јавно го изнесе својот став по прашањето дали формирањето нови клупски натпреварувања е еден вид монополско однесување и дали ги крши законите на Европската Унија и ѝ зададе удар на Суперлигата.

„Правилата на фудбалските тела УЕФА и ФИФА, кои им даваат право да ги блокираат клубовите да се приклучат во новата лига и да ги казнуваат играчите кои го прават тоа, се компатибилни со антимонополските закони на Европската Унија (ЕУ). Правилата на ФИФА и УЕФА, според кои секое ново натпреварување е предмет на претходно одобрување, се компатибилни со правото на ЕУ за конкурентност“, рече главниот адвокат на највисокиот европски суд, Атанасиос Рантос.

- Оглас -

Најнови вести