Лапорта откри страшна вистина: Ако Меси останеше, тоа ќе значеше уништување на Барселона

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, на прес-конференција ги откри сите детали околу тоа што се случуваше изминативе неколку недели околу преговорите за да се задржи Лионел Меси. На крајот, Барселона сепак не успеа да го задржи Меси, па Аргентинецот кој 20 години е дел од каталонскиот гигант ќе мора да најде нов клуб. Лапорта вели дека ако Меси останел во клубот, тоа ќе значело пропаст на Барселона.

„Финансиската ситуација и бројките се полоши отколку што мислевме. Нашиот моментален биланс за плати не ни остава ни милиметар за маневар, а тука е блокадата од финансискиот ферплеј. Со Меси ги договоривме сите детали околу договорот, но едноставно не можеме да го регистрираме. Финансискиот ферплеј е најголемиот проблем. За жал, не можев да донесам одлука која ќе го уништеше клубот, сепак Барселона е најважна“, откри Лапорта.

Првиот човек на клубот вели дека финансискиот ферплеј била главната кочница.

„Неколку недели разговаравме, преговаравме и ги гледавме сите опции. Сепак, треба да се анализира со ладни глави и треба да се погледнат бројките. Мора да купуваме според правилата. Ги знаеме правилата и мора да ги почитуваме. Тој докажа дека ја сака Барселона и јас лично сум тажен, но мислам дека го направивме најдобриот потег за доброто на клубот“, додаде Лапорта.

На крајот, првиот човек на Барселона додаде дека сите треба да го слават Меси како најдобриот фудбалер кој некогаш играл во Барселона и фудбалерот во чија ера биле освоени најмногу трофеи.

„Лео испиша историја во Барселона. Тој е најуспешниот фудбалер во историјата на клубот. Ја испиша најуспешната ера, но сега започнува нова ера. Ќе биде во времето на Меси и времето по Меси. И порано имало многу добри фудбалери во клубот, но тој е единствен. Ни донесе многу радости, многу трофеи и секогаш треба да му бидеме благодарни, но Барселона ќе освојува уште трофеи и по заминувањето на Меси. Барселона секогаш е над секого“, вели Лапорта.

 

- Оглас -

Најнови вести