Лазаров: Имам јасна слика, видов како некои играчи реагираат во неизвесни завршници

Селекторот на македонската машка ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, видел многу позитивни работи во минималната победа над Кувајт во денешниот контролен меч во Маврово.

„Мислам дека резултатот од првиот натпревар не беше реален. Кувајт е добро истренирана екипа. Ние трениравме максимално напорно вчера, а дури и денеска наутро. За нашите млади играчи овој натпревар беше едно големо искуство. Задоволен сум од победата, но и да беше поинаку, немаше да очајуваме. Имам јасна севкупна слика. Се соочуваме со проблеми со повредени играчи и се надевам дека ќе закрепнат побрзо. Утре продолжуваме со напорната работа“, вели Лазаров.

Според Лазаров, тимот покажал карактер, а ги истакна и нашите интернационалци кои настапуваат во Германија.

„Важно е играчите да бидат фокусирани до самиот крај и покажаа карактер, тоа е позитивна работа. Победникот не се знаеше до последната секунда. Видовме како реагираат некои играчи во неизвесни завршници. Имаме време да исправиме доста работи по новогодишните празници. Морам да искажам голема благодарност до Филип Миркуловски, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски, кои ни се приклучија веднаш по завршувањето на нивните клупски обврски. По некое непишано правило, заслужуваат одмор барем до 2 јануари и тоа само покажува колку се подготвени да се жртвуваат за македонскиот дрес. Задоволен сум од тоа како момците ги одработија подготовките во Маврово“, додава Лазаров.

Следните контроли на репрезентацијата на Македонија се на 3 и 4 јануари во Скопје против Израел.

- Оглас -

Најнови вести