Македонската ракометна репрезентација ги започна подготовките за клучните два меча во квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра во јануари следната година. Македонија е во незавидна ситуација затоа што по првите четири меча има само една победа.
Во последните две кола, Макдонија прво ќе гостува кај Летонија која е последна во групата без ниту една победа, а потоа, во последното коло во Скопје ќе играме против Литванија која е на посакуваното второ место во групата, во која лидер е Словенија.
Селекторот Кирил Лазаров секогаш е оптимистички расположен, но и претпазлив.
„Јас сум секогаш оптимист и во животот и во спортот, така ќе настапам и сега. Мора да бидеме претпазливи на моменталниот наш здравствен билтен, доста играчи ни фалат, има некои нови ракометари кои мора да ги заменат во одлучувачки натпевари. Периодот е краток. Немаме право на грешка, очекувам два психолошки тешки натпревари. Верувам во тимот и во екипата дека ќе одговорат со вистинско лице, голем дел од играчите кои се повикани знаат какви се овие квалификациски натпревари и знаат како е да немаш право на грешка. Сакам да ја видам нивната реакција, а и на новите играчи кои се тука. Се надевам дека ќе одговориме на предизвикот“, изјави Лазаров по денешниот собир на националниот тим.
Лазаров потенцира дека во Литванија се игра и добар ракомет, а не оваа земја да биде асоцијација само на добра кошарка.
„Естонците покажаа во Скопје дека играат на гол повеќе, Литванците се покажаа во добро светло со Словенија. Ќе ни биде потребна поддршката од нашите навивачи. Кога ќе кажете Литванија, мислите на кошарка, а не на ракомет, но не е така. Имаат искусни играчи кои играат во добри клубови. Против нив очекувам еден врвен меч и добар ракомет од двете страни. Но, одиме чекор по чекор – прво одиме на Естонија, потоа на Литванија“, заклучи Лазаров.