Лазаров: „Создаваме производ кој ја прави Македонија горда“

Кирил Лазаров и на шестто првенство по ред ќе ја предводи Македонија од селекторската позиција на големо натпреварување. Нашите ракометари со две убедливи победи ја елиминираа Словачка, па во јануари ќе ги гледаме на Светското првенство во Германија.

„Треба да бидеме задоволни без разлика кое ниво го има Словачка, затоа што покажаа против Украина дека имаат квалитет. Не е лесно да се победи Украина. Сакам да им честитам на момците, со 15 гола разлика не се победува туку-така. Имавме сериозен пристап, секој ривал кој е во баражот има квалитет, а ние покажавме еден константен ракомет, тоа го барав од играчите. Имавме малку падови, игравме квалитетно, успеавме да им дадеме шанса и на некои играчи што помалку имаат минутажа на поквалитетни натпревари, за да ги добиеме веќе за следните потешки мечеви така што презадоволен сум од пристапот на сите играчи во двата меча. Во претходните година и половина успеавме да составиме квалитетен тим на играчи кои се борат еден за друг, се дисциплинирани и не им е важно кој ќе биде најдобар, туку најважно е да победуваме. Тоа се мачевме да го создадеме и мора да го задржиме. Мислам дека играчите растат со нашата лига, во нивните клубови, со квалитетни натпревари добиваат на искуство. Откако јас сум селектор шестто големо натпреварување сме во низа, со 99% променета генерација од претходно. Тој процес треба да се истрпи, а ние успеавме во тој период со стручниот штаб, со РФМ, со медиумите, да опстанеме на големата сцена и да создадеме производ кој ќе ја прави горда Македонија во следната деценија. Јас сум горд на тоа, сите го препознаваат тоа и се надевам дека сениорите од година во година, чекор по чекор, ќе бидат поквалитетни. Не смееме да поставуваме преголеми цели, тоа би било притисок за сите играчи, но дека нема да се предадеме против никого, тоа можам да ветам дека ќе го гледате.“ – рече селекторот Лазаров по убедливата победа над Словачка.

- Оглас -

Најнови вести