Митревски: „Македонија има квалитетни играчи за да изненади и на Светското првенство“

Македонија со две победи над Словачка и вкупни 22 гола разлика обезбеди пласман на Светското првенство во Германија, а еден од најискусните во нашите редови, голманот Никола Митревски, не го криеше задоволството од двојната победа.

„Заслужена двојна победа. На првиот меч Словачка ни беше непознаница, не знаевме колку се квалитетни. Одигравме добро во Прешов, видовме дека имаат квалитетни играчи, но нашиот квалитет беше поголем. И покрај тие седум гола разлика, сакавме да го потврдиме местото со убедлива победа и да не се задоволуваме само со тој резултат. Мора да научиме да победуваме и да играме максимално без разлика кој е противник на теренот, мора да учиме од светските велесили, секогаш да се претставиме во најдобро светло“ – рече еден од најискусните во нашиот состав, Никола Митревски.

Македонскиот голман се осврна и на Светското првенство и очекувањата од десеттиот настап на ракометните Мундијали.

„Имаме доста квалитетни играчи кои играат во Лига на шампиони, Лига Европа, имаме доволно квалитетни играчи да изненадиме, но секако здравје, прво треба да бидеме сите здрави“, додаде Митревски, кој на крајот им се заблагодари и на навивачите.

„Благодарност за денешната поддршка, уште еднаш нашите фанови го исполнија целиот капацитет“.

- Оглас -

Најнови вести