Ракометната репрезентација на Македонија во јануари следната година ќе учествува на своето десетто Светско првенство. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров забележаа и втора убедлива победа над Словачка, овој пат со 38-23 во Скопје и со вкупни 69-47 обезбеди пласман на ракометниот Мундијал.
Нашите ракометари од самиот старт, па се до крајот на мечот во „Борис Трајковски“ диктираа темпо и имаа водство, а ако некој се сомневаше дека по оние +7 од Прешов може да останеме без учество на Мундијалот, тоа прашање беше решено уште по првите 30 минути во Скопје, после кои имавме убедливи 18-11.
Водството на Македонија растеше и во второто полувреме, па брзо дојдовме и до двоцифрени 23-13, а веднаш потоа и најубедливи во тој момент +11 (24-13). Нашите ракометари со серија од 4-0 во последните десеттина минути дојдоа и до максимални +15 (36-21). Финишот беше само формалност, а Кирил Лазаров шанса за настап им даде на сите ракометари.
Убедливо најдобар поединец на паркетот беше нашиот капитен, Филип Кузмановски, со 11 гола. Мартин Велковски имаше ефект од шест гола од шест обиди, а Милан Лазаревски погоди петпати.

