Лазарови: Игравме подобро, утре е вистинскиот испит

Победите против Јапонија и Бахреин покажаа добри и слаби страни во македонскиот национален тим, а утрешната пресметка против Хрватска треба да покаже колкави се можностите на оваа генерација на Светското првенство.

Капитенот Кирил Лазаров смета дека е одлично што Македонија победи и притоа успеа да се одмори, и да не се потроши премногу.

„Имаме добри и лоши моменти, требаше порано да го решиме мечот. Дозволивме голем пад во првото полувреме и серија на Бахреин од 5-0. Тоа се работите кои треба да загрижуваат, но позитивно е што игравме по 35-40 минути, не повеќе. Утре после мечот со Хрватска ќе видиме дали е можно да одмориме кратко и да одиграме добро два дена по ред. Утре е испитот. Хрватите се фаворити, но ние ќе се бориме, ќе се подготвиме. И Хрватска ќе биде заморена, денеска ќе се изнатрчаат со Јапонија. Исланд изненади со Хрватска, пред нас се тврди и неизвесни мечеви. Ги знам Хрватите, тие целат кон медал, но не го кажуваат тоа јавно, не сакаат да си ставаат притисок и мислат дека така може да стигнат далеку. Ќе пробаме да ги запреме и да уживаме во дуелот“ – вели Лазаров.

Филип Лазаров смета дека Македонија играла подобро во одбрана отколку против Јапонија, па тоа овозможи порелаксиран финиш.

„Можеме подобро од ова, селекторот одмори дел од клучните играчи во последните минути, утре ќе пробаме да победиме, и да видиме колкава ни е силата. Одиме на победа на секој меч. Хрватска е фаворит и за нијанса има поголема ритација, искусни се, но на терен ќе ја чекаме својата шанса. Ќе дадеме максимум. Нема да калкулираме и а ја чуваме силата за последниот меч со Исланд. Не може да излезеш на терен и да калкулираш, нема чување за дуелот со Исланд“ – најавува Филип Лазаров.

 

- Оглас -

Најнови вести