Леброн Џејмс не може да биде најдобар играч на сите времиња, тој игра само за рекорди, вели негов поранешен тренер

Поранешниот тренер на ЛА лејкерс, Њујорк никс и Мајами хит, Пет Рајли, смета дека актуелната ѕвезда на Езерцата, Леброн Џејмс, не може да биде најдобар кошаркар во историјата.

Рајли, кој моментно ја извршува функцијата потпретседател во Мајами, во интервју за телевизијата ЕСПН зборуваше и за трката за најдобар играч на сите времиња и не го гледа Џејмс како најдобар.

Според него, најдобар кошаркар во историјата е легендарниот центар Карим Абдул Џабар, чиј рекорд како најдобар стрелец на сите времиња во НБА наскоро ќе биде соборен токму од Џејмс.

„Секогаш сум говорел дека Карим Абдул Џабар е најдобар кошаркар во историјата поради неговата долговечност. Карим беше уникатен играч, играше на највисоко ниво по 80 натпревари секоја година и постојано беше удвојуван, а некогаш имаше и тројца играчи што го чуваа. Ментално беше толку силен што изгледаше дека може да игра до кога сака тој. Во трката за најдобриот на сите времиња мора да биде и Мајкл Џордан. Но, за мене, Карим е најдобриот бидејќи можеше да игра подеднакво добро и во неговите 30-ти и 40-ти години од животот. Не ме интересира што ќе каже во медиумите, но единствена причина поради која Леброн сè уште игра, се рекордите. Соборувањето на рекордот на Карим за него ќе биде голема работа. Нормално е дека Леброн сака да освојува титули, а верувам дека шансата не е загубена ниту оваа сезона, посебно кога Ентони Дејвис целосно ќе закрепне од повредата“, вели Рајли.

Рајли, кој во тренерската кариера освои пет титули, четири со ЛА лејкерс и една со Мајами, за кого тогаш играше Џејмс, сепак упати комплименти за играта на Леброн.

„Леброн е во НБА од 2003 година и тоа покажува колку голем е играч. Тешко е да се зборува какви кошаркари играа во 1970-тите и 1980-тите години, а какви во денешно време бидејќи менталитетот е поинаков. Во минатото, сите кошаркари играа на секој натпревар и немаше пријателство на теренот. Денеска сите се одмораат, внимаваат да не се повредат или уморат. Сега играчите се повнимателни и тоа е добра работа“, додава Рајли.

- Оглас -

Најнови вести