Легенда на Партизан уште жали за Панчев: Ни фалеше само тој, договорот беше готов!

Некогашниот фудбалер и капитен на белградски Партизан, Горан Стевановиќ, во интервју за српски медиум изјави дека уште жали што Дарко Панчев не заиграл за Партизан, Стевановиќ првиот меч во дресот на Партизан го имал против Вардар и гостувањата во Скопје го памети како незгодни.

„Во Скопје никогаш не беше лесно. Памтам дека примивме пет гола во шампионската сезона. Еднаш Манце спасуваше со два гола, и тогаш малку фалеше да ни пукнат петарда. Вардар по 15 минути водеше со 2-0, секогаш беа борбени и остри“ – се присетува Стевановиќ кој има пофални зборови за Милко Ѓуровски со кого биле цимери на гостувањата.

„Милко беше чудо, тој да имаше подобра глава, ќе завршеше во Реал Мадрид, а не во Гронинген. Во медиумите повеќе се пишуваше за неговите скандали, отколку за моите добри игри и тоа ми пречеше“ – вели Стевановиќ.

За поголеми успеси во Европа, Стевановиќ смета дека на Партизан во тие доцни 80-ти и почетокот на 90-тите години му фалела една работа.

„Имавме квалитет, хемија и искуство, но ни фалеше само еден играч, Дарко Панчев. Никогаш нема да прежалам што Дарко не дојде во Партизан. Беше блиску, договорот беше напишан, сопругата на Дарко во Лондон чекаше да легне уплатата од Белград. Ѕвезда беше побрза и заврши работа. Јас бев капитен на Партизан тогаш и ги имав информациите. Со Дарко сум пријател, и тој ми ја потврди истата приказна кога бев кај него во кафулето. Да го имавме Панчев во тимот, ќе го елиминиравме Интер и стигневме далеку во Купот на УЕФА. Тој беше играч кој не простуваше, суров финализатор“ – вели Стевановиќ.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести