Легендарниот Том Брејди размислува за пензија, а НФЛ првакот Тампа Беј шокантно елиминиран (ВИДЕО)

Актуелниот НФЛ шампион, Тампа Беј баканирс, доживеа шокантен пораз од Лос Анџелес рамс со 30:27 во рамките на полуфиналето од НФЦ дивизијата.

Легендарниот квотербек Том Брејди не успеа да дојде до осмиот прстен, а најави дека пред него сега е период на размислување дали ќе продолжи да игра.

Рамси имаа огромно водство од 27:3 по три четвртини, но домаќините успеаја да се вратат постигнувајќи тачдаун преку ранинг бекот Леонард Фурне и израмнија на 27:27 на помалку од минута до крајот.

Кога сите мислеа дека ќе гледаме продолженија, домашната одбрана направи голем пропуст, со што им овозможи на Лос Анџелес да дојдат во зоната за филд гол, а точно на самиот истек од регуларниот дел голот го погоди Мат Геј.

Рамси пласман во овогодишниот Супербол ќе бараат со победа над Сан Франциско 49.

Во АФЦ дивизијата исто така беше неизвесно до самиот крај, а по продолженијата на победа се радуваше Канзас сити чифс откако со 42:36 го совлада Бафало билс.

Тајт-ендот Тревис Келце беше творец на победничкиот тачдаун, со кој минатосезонскиот учесник на Суперболот обезбеди конференциско финале против Синсинати бенгалс.

- Оглас -

Најнови вести