Легендата на 45 години принудно се враќа во фудбалот, и тоа директно во репрезентација

Легендарниот украински голман Олександер Шовковски повторно се реактивира, и тоа на 45 години. Шовковски, кој повеќе од 20 години беше на голот на Динамо Киев, кариерата ја заврши во 2016 година. Од 2018 година е дел од стручниот штаб на репрезентацијата на Украина, а вечерва ќе биде во можност и да заигра.

Украинската репрезентација вечерва гостува кај Франција во пријателски меч, а селекторот Андриј Шевченко има проблеми околу голманската позиција. Дури тројца голмани се позитивни на корона-вирусот, па во составот ќе ги нема Пјатов, Лунин и Панкив.

Токму затоа, Шовковски се реактивира за овој меч против Франција. Човекот кој на 92 меча го бранел голот на Украина, вечерва може повторно да биде на теренот. Во време на пандемија, од УЕФА дозволуваат кој било жител на земјата да биде повикан во составот, дури и да не е професионален фудбалер, па Шовковски, кој е дел од стручниот штаб, ќе биде пријавен како голман.

Во репрезентацијата на Украина има вкупно осум случаи на позитивни на корона-вирусот, од кои петмина се играчи на Шахтар Донецк.

 

- Оглас -

Најнови вести