Легендите му се поклонија на харизматичниот татко на современата македонска кошарка

Името на Лазар Лечиќ како великан на македонската кошарка и спорт воопшто беше магнет за стотици спортски работници, па и политички личности, како премиерот Зоран Заев и градоначалници, да присуствуваат на Академијата по повод 80-тиот роденден и 60 години работа во спортот со портокаловата топка.

Во Скопје беа членови на селекцијата која во 1970 година стана светски првак, асови и тренери кои освојуваа медали од големите натпреварувања, како Иво Данеу, Никола Плеќаш, Благоја Георгиевски Буштур, Рато Тврдиќ, Дамир Шолман, Жељко Јерков, Дино Раѓа, Панајотис Јанакис, Мирко Новосел, Божидар Маљковиќ, Душан Ивковиќ, Богдан Тањевиќ, и многу други.

Секако, неизбежни беа и многу сегашни и поранешни кошаркари, тренери, членови на клубови, на Федерацијата, кандидатите за претседатели на МКФ на претстојното собрание.

„Голема чест за кошаркарскиот спорт и за мене лично, им благодарам на сите кои го организираа настанот. Ве сакам сите“, рече славеникот Лечиќ, кој доби стоечки овации од присутните.

Говори држеа претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски, кој е некогашен претседател на кошаркарскиот сојуз на Југославија, премиерот Заев, Данеу (капитен на Југославија која во 1970 првпат стана светски првак), Драган Радосављевиќ, Новосел, Јанакис, Буштур, Васил Кафеџиски, а на церемонијата имаше и музички перформанси.

СИТЕ САКАА ДА СЕ ФОТОГРАФИРААТ СО ДИНО РАЃА

Меѓу бројните легенди кои беа присутни на академијата, најголема ѕвезда беше некогашниот кошаркар Дино Раѓа, со кого многумина сакаа да се фотографираат за спомен. Раѓа за време на престојот во Скопје ја искористи приликата да се сретне со својот некогашен клупски колега Петар Наумоски, со кого освоија европска титула во дресот на Југопластика. Актуелниот претседател на МКФ постојано беше во друштво на екс центарот на Бостон селтикс.

Чест на популарниот Грк му укажаа и славната грчка легенда Панајотис Јанакис и Слободан Суботиќ, кој исто така најславните денови и резултати ги имаше додека играше и работеше во клубови од нашиот јужен сосед.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести