Лидс од Алиоски наваму како да крена раце од Премиерлигата, најавена е голема зимска распродажба на играчи

Лидс игра многу поскромна премиерлигашка сезона од лани, кога беше хит во англиското првенство, а сега е најавена голема зимска распродажба на играчи.

Заминувањето на Езџан Алиоски ова лето во Ал Ахли од Саудиска Арабија беше оценето од грото на навивачите како исклучително лош потег на Управата на клубот, а сега ќе следи нов „егзодус“ на фудбалери од клубот од Јоркшир.

Бразилецот Рафиња, кој е еден од ретките што игра добро и стандардно сезонава е на мета на Баерн Минхен и трансферот се најавува како сигурен, а Лидс би добил 50 милиони евра отштета.

Ливерпул сака да го купи репрезентативецот Калвин Филипс, играч што беше откровение во составот на Англија на Европското првенство. И тој трансфер би му донел на Лидс околу 50 милиони евра.

Германските медиуми објавија дека и Борусија Дортмунд сака да пазари оваа зима во Лидс, а нивна цел е да го купат дефанзивецот Робин Кох. Се проценува дека Лидс би можел да инкасира околу 20 милиони евра, па се заедно би се заработиле околу 120 милиони евра од трансферот на три фудбалери.

Лидс утре нема да игра против Ливерпул, поради голем број на заразени од Ковид-19 и ќе остане на 16. позиција во Премиерлигата со 16 бода и на само две места од опасната зона за испаѓање.

Лани со Алиоски во тимот беа осми на завршната табела со 59 бода, во првата сезона што ја играа во Премиерлигата по пауза од 16 години.

 

- Оглас -

Најнови вести