Ливерпул заборави да дава голови, Клоп ова не го снашло уште од времето кога го тренираше Новески

Англискиот првак Ливерпул има несфатливо долга серија без постигнат гол, иако во составот на менаџерот Јирген Клоп има неколку „машини за голови“.

Црвените, кои синоќа против Барнли после три и пол години првпат загубија лигашки меч на „Енфилд“, имаат серија од четири натпревари по ред без постигнат гол. Ваква црна серија Ливерпул немал уште од мај 2000 година. Од погодокот на Садио Мане во 12-тата минута против ВБА наваму, играчите на Ливерпул упатиле дури 87 шута кон противничките голови, а не постигнале гол.

Еден од најразочараните од ваквата ситуација е тренерот Клоп, кој рече дека од Барнли примиле бокс во лице. На Клоп ова не му е првпат во кариерата негов тим да не успее да даде гол на четири лигашки натпревари едноподруго. Во периодот ноември – декември 2006 година, кога Клоп беше тренер на германски Мајнц, исто така имаа низа од четири меча без даден гол. Во тоа време за Мајнц играше македонската легенда Николче Новески.

- Оглас -

Најнови вести