Борис Бекер е прогласен за виновен за затајување на имот при прогласувањето на банкротот во 2017 година и ќе мора да оди во затвор на две ипол години.
Шесткратниот гренслем шампион минува низ тежок период, а е прогласен за виновен по дури 24 точки во обвинението против него на суд.
Му се закануваше максимална казна од 7 години затвор, а судот одлучи дека ќе мора да „одлежи“ зад решетки две ипол години.
Проблемите на популарниот Бум-бум се наѕираа, откако не успеа да го врати кредитот од 3 милиони фунти, па мораше да прогласи личен банкрот и при постапката да го пријави целиот имот и пари што ги има за да се покрие долгот.
Бекер е еден од најдобрите светски тенисери во историјата на играта, а во последните две децении од минатиот век освои шест гренслем титули, од кои три му се на Вимблдон, две на Австралија опен и една на САД опен.
Има и златен медал од Летната олимпијада во Барселона во 1992 година. По завршувањето на тениската кариера му беше и тренер на Новак Ѓоковиќ.
Вкупно освои 64 пехари на тениските турнири, од кои 49 се во поединечна конкуренција и 15 во игра на двојки, а заработи над 40 милиони евра.