Лоша вест за македонските клубови, УЕФА планира кратење или укинување на квалификациите

Македонските фудбалски клубови можно е летово да не ја видат Европа зашто Европската фудбалска унија, УЕФА, размислува дури и да ги укине квалификациите за Лигата на шампионите и Лигата на Европа, барем така објави британски „Тајмс“.

Според овој медиум, идејата на УЕФА е да има скратен систем на натпреварување во европските купови поради нејаснотиите околу меѓународните патувања, рестрикциите за влез во земји итн…

Постојат две опции. Првата е да има квалификации, но во скратен формат и наместо два меча (дома-гости), да има само еден. Во оваа варијанта единствениот меч би се играл на теренот на тимот кој има повеќе бодови во рејтинг-листата во УЕФА, а македонските клубови немаат баш којзнае колку многу поени, но барем би добиле шанса.

Втората опција е уште полоша, тоа е воопшто да нема квалификации, туку само плејоф во кој би играле екипите од 12-те најдобро рангирани земји кои немаат директен учесник во групните фази. Македонија не е во тоа друштво (34-ти сме), па нашиот првак, веројатно Вардар, ќе извиси. Инаку, ако се оди по нормален тек, Македонија треба да има еден тим во квалификациите за ЛШ и два тима во квалификациите за ЛЕ.

Засега ова се само шпекулации, можеби УЕФА, која денеска има нова рунда преговори со федерациите, клубовите и лигите околу продолжувањето на сезоната, ќе излезе со официјален став.

 

- Оглас -

Најнови вести