Нов проблем за Ѓоковиќ – На „петтиот“ гренслем ќе играат само вакцинирани тенисери

Новак Ѓоковиќ се наоѓа на списокот со тенисери што се пријавени за настап на турнирот во Индијан Велс, популарно наречен „петтиот“ гренслем, но нема да игра ако не се вакцинира.

Турнирот од Мастерс серијата 1000 ќе се игра од 7. до 20. март, а веќе е објавено од организаторите дека ќе настапат само вакцинираните тенисери.

Ѓоковиќ се уште се нема изјаснето дали примил, или ќе прими вакцини против Ковид-19, а мина хорор во Австралија и не настапи на првиот гренслем во сезоната, на Австралија опен.

Беше депортиран од Мелбурн, по десетдневна драма, откако прво не му беше дозволен влез, па беше префрлен во хотел за имигранти.

На суд потоа му беше вратена визата за влез, но на крајот Имиграциското биро му ја поништи визата и беше депортиран.

Одлуката на организаторите на турнирот во Индијан Велс на некој начин е и најава дека Ѓоковиќ ќе има проблем да настапи и во Њујорк на последниот гренслем во сезоната, на САД опен.

Двата турнири се во Соединетите Американски држави, па речиси е сигурно дека условите нема да се сменат.

Ѓоковиќ е корекордер со Роџер Федерер на турнирот во Индијан Велс, а и двајцата имаат по пет титули.

Ако Новак не настапи, тогаш Рафаел Надал ќе има шанса со победа да се израмни со него, а и двајцата би имале по 37 титули на турнирите од Мастерс серијата.

 

- Оглас -

Најнови вести